ФУСМ и ППФСМ започнаа заеднички проект
Со цел да се подигне свеста за пинг понгот и негова популаризација воопшто меѓу најмладите, Федерацијата на Училишен спорт на Македонија и Пинг понгарската федерација започнаа со реализација на заеднички проект. Новиот проект за училишен пинг понг им овозможува на децата од основните училишта да бидат дел од спортски настани и проекти наменети само за нивната возрасна категорија. Проектот на ФУСМ и ППФСМ и целите предвидени во него се направени по низа анализи, дискусии, состаноци и консултации со стручни лица кои се предвидени да бидат дел од овој значаен проект, а главната цел е анимирање на младата популација и нејзино поголемо вклучување во спортските активности и стекнување со здрави навики. Проектот ќе се имплементира во текот на оваа учебна година, а ќе им овозможи на младите да се запознаат, да се стекнат со нови знаења и вештини од овој спорт.
Официјално соработката стартуваше пред новогодишните празници кога на седницата на Извршниот одбор на ФУСМ се официјализираше со потпишување на меморандумот за соработка помеѓу претседателот на ФУСМ проф.д-р. Александар Туфекчиевски и претседателот на Пинг-Понгарската федерација на Македонија г-дин Горан Тиловски.
Во изминатиов период по потпишувањето на меморандумот Пинг-Понгарската федерација на Македонија додели соодветна опрема за пинг понг (маси,рекети и топчиња) во сите оние училишта во државата кои што веќе оформија училишни спортски секции за пинг понг. Па, така опремата е веќе пристигната и почнато е со првите тренинзи во ООУ „Круме Кепески„ од Скопје, ООУ „Тодор Ангелески“ од Битола, ООУ „Његош“ од Гази Баба-Скопје и ООУ „Минир Исаку“ Пирок –Тетово. Во текот на наредниве денови ветената опрема ќе биде доставена и во ООУ „Јоаким Крчовски“ од Крива Паланка како и во ООУ „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија.
„Многу сме задоволни што го почнуваме овој проект со Пинг понгарската федерација на Македонија, покрај неколкуте проекти кои што веќе ги имаме. Ние како Федерација на училишен спорт веќе направивме подготовки и анализи за да се овозможат услови за почеток на проектот и можам да истакнам дека интересот кај училишниот кадар во училиштата каде ќе се имплементира проектот е голем и со нетрпение се очекува негово отпочнување – истакна проф.д-р. Александар Туфекчиевски.
Мило ни е што успеавме да го потпишеме меморандумот за соработка со една ваква сериозна и многу важна федерација за младите и секако за нашето општество. Добро е што сега на учениците во овие училишта ќе им се овозможи да го негуваат спортот и спортскиот дух преку една нова спортска активност, покрај оние попопуларните колективни спортови (фудбал,кошарка,ракомет и одбојка)- истакна првиот човек на ППФСМ, Горан Тилоски. Преку ваквата соработка ќе им се овозможи на децата да им се доближи и да се здобијат со основите на овој спорт, а токму во овие категории се темелите во пинг понгот и пронаоѓањето на млади талентирани дечиња. Ова е вредна иницијатива, им благодарам на луѓето од Федерацијата на Училишен спорт на Македонија за подршката, на овој начин водиме грижа за нашата база која се надеваме дека ќе се зголеми преку овој проект. Ќе направиме се што е во наша моќ овој проект да биде во вистинска смисла – рече Горан Тиловски.
На сите училишни спортски клубови,односно училишните секции за пинг понг, нивните тренери, наставници и ученици им посакуваме многу среќа и успех во совладувањето на спортските вештини на овој прекрасен спорт.
Интересно е да напоменеме дека средби за нови соработки и идеи за некои новини во училишниот спорт се направени и со неколку други федерации од индивидуалните спортови. Се надеваме дека наскоро ФУСМ ќе не израдува и со нова информација за нова соработка на големо задоволство на училиштата и професорите, а пред се на најмладите, учениците кои што се иднината на ова општество.





